Купишта хартии, ќеси, амбалажи, ’рѓосана железарија, садови за домаќинство, мувлосан мебел, различен отпад… А меѓу нив живеат неколку семејства Роми.
Парцелата наменета за повеќенаменскиот објект на турската компанија „Лимак“ е претворена во мини-населба од импровизирани куќички. Домовите се направени од стари шаторски крила и најлони, а како покрив се користени и неупотребливи теписи и картонски кутии. Во нив зимата ја минаа 30-ина бездомници.
Истата слика се повторува и кај парцелата пред спортската сала „Борис Трајковски“ во Карпош, како и покрај игралиштето „Вембли“ и објектот „Сивус“ во Кисела Вода. Слободните минувачи забележуваа шатори со луѓе распослани и во Аеродром и веднаш зад „Урбан парк“ во Центар.