Само по два месеца од официјалното пуштање во употреба на најатрактивниот споменик во Македонија, фонтаната „Воин на коњ“, беше искршен мермерот на скалите околу фонтаната, а случката сѐ уште нема разврска. Беше скршена и раката на „Шмизлата“ на улицата Македонија и исчкртана статуата на Венера во градскиот парк.
Градските власти велат дека, и покрај сите вложени напори, опремата се оштетува и понатаму од страна на неодговорни лица, кои со таквиот однос не само што го нагрдуваат ликот на градот туку ги принудуваат локалните власти повторно да трошат средства за поправка на оштетената опрема.
Панорамскиот дурбин двапати беше физички расипуван, за на крајот да биде украден, по што градот инвестира уште 5.000 евра за набавка и за поставување нов дурбин. Исто така и соларните панели на светилките на Водно двапати беа предмет на кражба. Со првата кражба на акумулаторите од двата видиковци, штетата изнесуваше 280.000 денари.
– Со последната кражба на сончевите колектори и акумулаторите на светилките на Водно штетата е проценета на 110.000 денари. Јавното претпријатие самостојно организира чуварска служба, меѓутоа поради големината на просторот многу тешко е да се заштити и покрие ефикасно целиот простор – изјавуваат од градот.