По повод празникот „Св. Ѓорѓи“ – Ѓурѓовден, во соборниот храм „Свети Великомаченик Ѓорѓи“ во Струга на 7 мај ќе се одржи вечерна богослужба, по што ќе започне и литијата.
Традиционално литијата започнува со носење на моштите во „Свети Георгиј“ од истоимениот манастир во Рајчица. Потоа литијата продолжува со носење на светите мошти и чудотворната икона на Свети Ѓорѓи низ улиците на Струга. Овој начин на организација се одржува веќе четири години и е од големо значење за Струга, а самата литија постои над петстотини години.
– Обредот со чудотворната икона и литијата се одржувал години наназад, особено поради осветувањето на црквата „Свети Ѓорѓија“ во 1835 година. Од големо значење е за Струга, од духовен аспект пред се, се осветува целата природа и сиот град преку чудотворната икона „Свети Ѓорѓи“ и преку чудотворните мошти, вели ѓаконот Васко Голабоски.
Оваа древна струшка духовна традиција, која пред неколку години беше обновена и збогатена со благословот на славниот Победоносец Георгиј има и свое големо историско значење.
– Претставува продолжување на оваа вековна традиција бидејќи сакам да нагласам дека кон средината на шеснаесеттиот век од тоа време потекнува и чудотворната икона со житие на „Свети Ѓорѓи“ која е дел од самата литија. Значи записи постојат од средината на шеснаесеттиот век дека имало вакво одбележување на овој втор ден Ѓурѓовден со ваква литија, објаснува директорот на музејот „Д-р Никола Незлобински“ од Струга, Сашо Цветковски.
Со богослужбата по повод овој празник ќе чиночалствува митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј.
Denesen