Вкупно 514 илјади евра ќе потроши Владата на РМ за промоција на интернет пребарувачот Гугл за што е склучен договор со „Google Hrvatska doo, Google Croatia Ltd“.
Договорот, кој е објавен на страната на електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), со оваа компанија е потпишан по пат на преговарање, без предходно објавување на оглас.
Во образложението за ваквиот тип на договорање во известувањето за склучен договор за јавна набавка стои дека ваквата постапка е оправдана „кога од технички или уметнички причини, односно од причини врзани за заштита на ексклузивните права (патенти и сл.), договорот може да го изврши само одреден економски оператор“.
Во договорот, сепак заради исполнување на законските обврски, стои дека критериум за избор на хрватската компанија е најниската цена еднаква на проценетата вредност на договорената услуга.
Што се договориле „Google Hrvatska doo, Google Croatia Ltd“ и владиниот генерален секретаријат, сепак ќе треба јавноста да ја информира Владата.
Хрватската компанија ќе треба да ја рекламира државава во текот на една година, колку што важи договорот.
Инаку, договорот владиниот генерален секретаријат го потпишал на 28 јануари годинава.
Владата, уште на почетокот на годината најави дека планира туристичките можности да ги претстави и на интернет пребарувачот Гугл, со што очекува да се зголеми посетеноста на земјава од странски туристи.
Ова е првпат владата да објави договор за рекламирање. Јавноста во изминатиот период немаше прилика да види колку троши Владата на вакви промоции. Пред тоа беа потпишани договори со Си Ен Ен, „Форбс“ и „Фајненшел тајмс“ , но јавноста не доби информација што содржиат тие договори и колку пари чинат.