Музејот „Д-р Никола Незлобински“ од Струга деновиве ги привршува едномесечните контролни истражувања на локалитетот „Црквени ливади“ во селото Враништа, од кои се очекуваат клучни информации за постоењето на античкиот Мегалополис, за кој се уште не е потврдено каде точно се наоѓал, пишува Курир.
Позначајни наоди кои укажуваат дека на овој локалитет може да лежи големо археолошко богатство се откриени во 1970-те години при регулирањето на реката Црн Дрим. Според директорот на музејот, Сашо Цветкоски, првичните наоди ги оправдале очекувањата на стручњаците.
– Врз основа на тие податоци годинава отворивме една пробна сонда, односно се претпоставуваше дека се работи за наколно живеалиште од типот на она што ние го имаме на истекот од Дрим, од устието на Дрим или Врбник. Се гледа дека тоа е една голема и долга стратиграфија која зафаќа континуитет на живот повеќе од еден милениум и таа наколна населба постепено трае до доцната антика, објаснува Цветкоски.
Според првичните податоци од истражувањата на музејот „Д- р Никола Незлобински“, на овој локалитет се наоѓа и базиликален објект од големо значење кој, најави Цветкоски, ќе биде публикуван идната година.
Проектот во Враништа се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура, кое за истражувањата одвои 150 илјади денари.