Триесетгодишниот кумановец Трајко Василевски со неговата невенчана сопруга Стефани и триипол годишната ќерка Мелани веќе два месеци се без свој покрив над главата. Средства за егзистенција немаат, а од временските неприлики се заштитиле под еден од мостовите на автопатот.
Татко ми и мајка ми починаа, постариот брат сега покоен, ми беше старател. Според Законот за деца без родители, до 26-годишна возраст примав паричен надоместок, а веќе петта година немам ништо. Барем едно сопче да имаме било каде во државава. Иако е млад, тој има сериозно нарушено здравје, а помош од никаде. Социјалниот надоместок од околу илјада денари го загубил бидејќи бил принуден и нешто да работи за да заработи за неопходните лекови, за облека, за храна.Со Стефани се невенчани бидејќи нејзините родители биле против таа да живее со него. Извесно време Стефани со ќеркичката живеела кај татко ѝ, а според неа, детето не било прифатено добро и таа одлучила детето да не живее без татко, макар тоа било и под ведро небо.
Трајко вели дека од Центарот за социјални работи му понудиле помош да го сместат во Катланово каде што има и други бездомници. Трајко не прифаќа таква помош, бидејќи не е сам, а за детето условите таму не се соодветни.
makdenes.org









