Купишта ѓубре, пластични шишиња, запрежна кола полна со картони и врзани коњи како пасат меѓу колибите скроени од најлон, палети и стари дрвени табли. Оваа слика може да се види во центарот на главниот град, веднаш до Музејот на Град Скопје на просторот кој порано беше паркинг, а сега е заграден со огради.
Таму зад лимените прегради веќе подолго време има дива населба каде засолниште под небото нашле неколку ромски семејства. Во маалото вчера на еден стар кауч поставен пред една од 10-ината импровизирани шатори-куќички, седеа неколку мали Ромчиња со својата мајка, а на другата страна на кампот уште неколку деца трчаа околу ѓубрето. Не беа расположени да кажат зошто баш тука се сместиле, само коментираа дека немаат место за живеење, ниту каде да одат, а оттука со собирање железо, пластика и стара хартија крпат за живот, пишува Вечер.
Минувачите, пак, велат дека овие случаи постојано се повторуваат, па тука околу старата железничка станица и зад Рамстор постојано никнуваат вакви населби.
Од Општина Центар се запознаени со оваа дива населба.
– По средбата им предложивме на овие луѓе да ги преместиме во центарот за бездомни лица во Чичино Село, но тие тој предлог го одбија, затоа што им било многу далеку. Следен чекор кон решавање на овој случај кој ќе се покрене е нашиот инспектор да изготви решение за отстранување на времените објекти за тие да се дислоцираат од таму, велат од Општина Центар.
Вечер