По бурната недела на Клиниката за неврологија, каде што се хоспитализирани над 80 пациенти со мозочен удар, а се бараше и кревет повеќе за новите болни лица, сепак, викендов состојбата се стабилизираше. болницата е преполна, капацитетот е ограничен, има 240 пациенти, од нив 10 проценти се со мозочен удар, а полесните случаи се третираат во домашни услови со помош на Итната медицинска помош и домашна посета. Ветровите, промената на влагата, фронтовските промени на времето влијаат на нивото на крвниот притисок.
Меѓу пациентите има и млади на 30 години и трудници. Токму бремените жени и лицата со висок притисок се под најголем ризик за излив во мозокот. На помлада возраст повеќе се зафатени жените од мажите, посебно жените во трудничкиот период
Возраста на пациентите се намалува бидејќи стилот на животот се менува. Почесто има пациенти на возраст од 30-35 години кои имаат дефиниран мозочен удар, а тоа значи дека веќе имаат големи промени на крвните садови за да може да се дефинира мозочен удар.
Битно е да се препознае ударот навреме – успехот во лекувањето е поголем доколку пациентот прими навреме терапија во првите 4 – 5 часа од ударот.
Секој мозочен удар, велат лекарите, дава различни симптоми. Најчести се: слабост или одземеност на лицето, рацете или нозете, нарушување на говорот, нагло замаглување или губење на видот, особено на едното око или во половината на видното поле, нагла и јака главоболка проследена со повраќање, губење рамнотежа, вртоглавици, несигурност и занесување при одење.
Медицински лица апелираат да не се излегува без потреба во периодот од 10 часот наутро до 16 часот, да се пијат повеќе течности, а храната да биде термички обработена.Посебно апелираат кон возачите на ова топло време да внимаваат во сообраќајот, бидејќи метеоролозите најавуваат осцилации на температури, а тоа дирекно влијае на концентрацијата при возење.