За помалку од две години планината Водно, на истото критично место повторно потклекнува и се руши под притисокот на градежната експанзија.
Вчера рано утрото, околу 5 часот се урна потпорниот ѕид во дворот на детската градинка Кочо Рацин”, клон Панорама” на улицата “Салвадор Аљенде”, а за среќа во тој момент во неа немало никој.
Под притисокот на земјата и водата ѕидот се срушил како да е од стиропор, а на терен можеше да се видат и паднати канделабри, ограда, смачкани детски реквизити и бразди полни вода.
Сепак, дека ситуацијата со свлечиштата на ова место на Водно на улицата “Салвадор Аљенде” и во продолжение на “Славејко Арсов” е повеќе од сериозна покажува фактот дека ова е трето вакво свлечиште во овој реон на Водно за неполни две години.
Веднаш спроти градинката која вчера настрада, најпрво се сруши потпорен ѕид кој беше изграден помеѓу две згради.
Потоа на само десетина метри од ова место поради копање од двете страни пропадна дел од улицата “Славејко Арсов” која е продолжение на “Салвадор Аљенде”, а вчера се случи и последното пропаѓање на земјиштето.
Жителите на улиците “Салвадор Аљенде” и “Славејко Арсов” се преплашени за своите домови и велат дека живеат во страв, свесни дека земјата не мирува и дека во прашање се нивните животи.
Вчера градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски конечно реши да преземе некои чекори за подобрување на безбедноста на жителите во овој дел од Скопје. Тој со својата изјава потврди дека состојбата е катастрофална и дека е информиран за проблемите со пренатрупаноста со новите градби на овој потег како и за комуналните проблеми – пресечена канализациона мрежа поради што фекалиите веќе година дена се излеваат по улиците, а дел од улицата “Славејко Арсов” и по година дена откако падна не е направена.
И додека Жерновски и општинските чиновници прават експертски анализи, што сигурно ќе трае, на луѓето кои живеат на оваа улица на Водно не им преостанува ништо друго, туку да го замолат земјиштето да не се лизга.
Градоначалниче, тогаш ќе биде доцна!