За мацкање со топло лепче и сиренце душа дала оваа сол. Испробано.
- 4 суви потпечени пиперки (или окулу 2 големи лажици црвен пипер)
- 1 голема лажица чубрика или нане
- 1 шака потпечен мумуруз (окулу 50 – 60 грама пченкано брашно)
- крупна сол по вкус
- по можност печена дробена леблебија
Пченкарното брашно потпечето го на суво тавче. Внимавајте да не прегори, само малку да зарумени и тргнете го на страна.
Истото направете го и со црвениот пипер. Да се потпече на сувo, да замириса убаво.
Измешајте ги заедно, додадете ја чубриката и сол по вкус.
Ако имате леблебија истолчете ја и додадете ја. Јас немав, па нормално дека не додадов.
ВУАЛА!
Кратовска тајна на чинија!
Во состојки го напишав оргиналниот рецепт, за да се зачува малку старинското, но во загради си допишав за нас младите со финтици што готвиме =))
Мумуруз е пченка во кумановско кратовскиот дел.Рецептов оргинално се приготвува со толчење, бидејки порано немало миксери и блендери и немало ни друг начин на приготвување.
Јас во рецептот ставив чубрика. Ја има по големите маркети спакувана во кесички. Место сушени пиперки потпеков благ буковец сосе семчиња за автентичност, а ако сакате луто, можете и со лут да ја направите.
Чувајте ја добро затворена во тегличе за да не изветреат мирисите. Нема рок на траење.