Администратор на фејсбук-страница од Скопје е осомничен дека без дозвола објавувал епизоди од телевизиска серија за која ексклузивните авторски права ги поседувала телевизиска куќа. Против 46-годишниот Ј.К. се поднесени две кривични пријави, за повреда на авторско право и сродни права и за пиратерија на аудиовизуелно дело.
Пријавениот Ј.К. во 2024 година како администратор на фејсбук-страница незаконски и неовластено преку јавна објава на страната емитувал ексклузивни авторски права на ТВ-серија што биле отстапени само за програмски сервис на телевизиска куќа, врз основа на претходно склучен договор.
Согласно пријавата од телевизиската куќа доставена до ОЈО Скопје, пријавениот ги сторил кривичните дела на начин што преку својот кориснички профил на социјалната мрежа Фејсбук, како администратор на фејсбук- страницата, меѓу другите објавени серии, филмови и документарци, објавувал и епизоди од серијата за кои не поседувал авторски права.
Постапувајќи по Наредба од ОЈО Скопје, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР спроведе истрага во рамки на која го повика пријавеното лице на информативен разговор и привремено одзеде електронски уред во негова сопственост, а по извршена форензичка анализа врз истиот, се потврдија наводите од пријавата и од исказот што го даде пријавениот во информативниот разговор.








