Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска соопшти дека е договорена директна авионска линија меѓу Тиват и Скопје, која ќе почне да функционира од 1 мај.
„Истата ќе оперира, за почеток, двапати неделно. Ќе стартува од 1 мај и се надевам дека сериозно ќе придонесе во зголемување на, не само бројот на патници и размена помеѓу двете држави, но и зголемување на туризмот и на бизнисот“, рече Николоски.
Тој соопшти дека договорот за воспоставување на линијата е постигнат на заедничка прес-конференција со вицепремиерот на Црна Гора, Филип Ивановиќ.
Николоски очекува новата линија да ја олесни размената на патници меѓу двете држави и да придонесе за развој на туризмот и бизнисот.
„Се надевам дека оваа авиолинија значително ќе го зголеми бројот на патници, ќе ги поттикне туризмот и бизнисот и дека многу луѓе ќе ја користат“, рече Николоски.
На средбата двајцата вицепремиери разговарале и за унапредување на економската соработка, а договориле следната година да организираат голем бизнис-форум на кој ќе учествуваат компании од двете земји.








