Милан Бандиќ ноќта ја поминал во притвор, а претресот на неговиот стан траел седум часа. Бандиќ е осомничен за неколку коруптивни дела и злоупотреба на службената положба.
Бандиќ е уапсен по налог на службата за справување со корупцијата која повеќе месеци спроведувала акција за разоткривање на незаконитостите во работењето на градот Загреб и на компанијата Загрепски холдинг.
Досега против Млан Бандиќ биле поднесени преку 250 пријави. За време на акцијата биле претресени и куќите на Љубичиќ и на Припуз. Приведени се уште неколкумина од градската управа, советници на Бандиќ, одговорни за јавни набавки, директори на комунални претпријатија…
Се работи за сомневања за стопански криминал и за продажба на градско земјиште по непазарни цени на приватни компании. Меѓу приведените е и Бранко Михаљевиќ, директор на градежната компанија Брамград, една од компаниите која имала доста договори со градот Загреб, а еден од нив бил и замена на земјишта чија разлика во цена била околу еден милион евра, пари кои на Загреб никогаш не му биле платени.
Под истрага е и милионскиот договор на Бандиќ со компанијата на Припуз за отстранување на цврстиот отпад од Загреб.
Во синоќешната акција учествувале повеќе од 120 полицајци и агенти.