Околу 20-ина жени годишно се пишманат да ја прекинат бременоста, иако веќе ја закажале оваа интервенција, велат на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје каде што годишно се вршат по 200 вакви интервенции. Годинава има и благ пораст на бројот на абортуси во однос на минатата година – во оваа установа лани 196 пациентки ја прекинале бременоста, од кои пет биле малолетни, а само од јануари досега имало 191 абортус, од кои кај пет малолетнички.
Според податоци на Институтот за јавно здравје, бројот на абортуси официјално се намалува во последниве 10-ина години – од 389 абортуси на илјада живородени деца во 2000 година на 209 во 2010 година. Но официјалните бројки, за жал, не го одразуваат реалниот број абортуси – според официјалната статистика, во Македонија се вршат околу 5.000 прекини на бременост годишно.
Една од последните новини во измените на Законот за прекин на бременоста – жената да има три дена да размисли дали да ја прекине бременоста и откако интервенцијата е закажана, на Kлиниката за гинекологија вродила со плод кај 14 жени минатата година, а само од јануари досега веќе се премислиле 16 трудници.
– Забележуваме веќе дека 20-ина жени годишно се решаваат да не ја прекинат бременоста, иако веќе ја закажале интервенцијата. Ова е новина од измените во законот и еве гледаме дека е добро што е воведена, Ние, целиот тим на клиниката, својски работиме на тоа да се роди дете ако има услови за тоа и, за среќа, кај овие 20-ина жени кои веќе имаа закажано абортус тоа и се случи. Тие се откажале од абортус и решиле да родат, но немаме одговор што било пресудно за тие да се пишманат и не се појават на закажаната интервенција. Тоа се случува кај жени од сите возрасти. Само некои од нив и ни се јавуваат да ја откажат интервенцијата – велат на Kлиниката.
Оттаму ги појаснуваат причините за овој чин кај жени што сепак ќе се решат да абортираат, а тоа во оваа установа го сториле 196 пациентки во 2013 година, од кои пет биле малолетни, а само од јануари досега имало вкупно 191 абортус.
– Преовладува социо-економскиот фактор кај оние што ќе се решат да ја прекинат бременоста и тоа доминира во практиката доколку не се работи за медицински причини кога детето не може да се роди. Жените од разни причини се правдаат дека не може да родат – или затоа што не се вработени, или веќе имаат неколку деца, или живеат во лоши станбени услови. И нив со ништо не можеме да ги разубедиме да се премислат. Секоја жена е посебна личност, а нејзината конечна одлука кога е во прашање овој чин е резултат, пред с`, на нејзините желби и можности. Нашата работа е на прво место да укажеме и на опасностите и на можните компликации за здравјето од прекинот на бременоста, а секако дека сме задоволни кога тоа ќе донесе резултат и кога некоја жена ќе се премисли и ќе се реши да роди наместо да абортира – додаваат членови на оваа комисија при Kлиниката, преку која секоја трудница задолжително мора да помине веднаш штом ќе се пријави за абортус.
Оваа стручна комисија е и местото каде што по трите предвидени дена пациентката се пријавува повторно со дефинитивна одлука дали се откажува или останува на одлуката за абортус.
Инаку, неофицијалните бројки што кружат во стручната, медицинска јавност, алармираат за абортусите на црно: има толку прекини на бременоста колку што има и раѓања – или најмалку 21.000 абортуси годишно.
Во Европа најмногу абортираат жените во Романија
Најголем број абортуси во европскиот регион, според податоците на Институтот за јавно здравје, се регистрирани во Романија – дури 1.176 на илјада живородени деца во 2002 година, а во Бугарија се пријавени 833 абортуси на 1.000 живородени во 2000 година.
Дневник