2 часа испрашуван – говореше за Груевски, за Македонија, и не го помина тестот за еврокомесар


Европратениците не се задоволни од настапот на кандидатот за комесар за проширување, Оливер Вархелји, пренесуваат од комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент, каде кандидатот беше сослушан утрово.

30 европратениците гласале за него, 36 против, со што неговата кандидатура не е одобрена. Сега следуваат дополнителни прашања во писмена форма до кандидатот, со што му се остава уште една прилика на кандидатот да ги убеди скептичните пратеници.

Групата на Зелените веднаш по сослушувањето соопшти дека ќе гласа против него бидејќи оцени дека Вархелји не дал доволни гаранции дека ќе биде независен од владата на Виктор Орбан. Им се придружија и неколку пратеници од редовите на Социјалдемократите, на Либералите, и на радикалната левица, Вархелји има до понеделник да одговори на прашањата. Доколку повторно европратениците не бидат задоволни може да биде закажано второ сослушување.

Скептичните пратеници сметаат дека Унгарија не треба да управува со ресорот проширување поради слабостите во владеењето на правото во оваа земја.

Урсула фон дер Лајн сака нејзината Комисија да почне со работа на први декември.

Ако ја добијам поддршката да бидам иден Еврокомесар за проширување, до крајот на мојот мандат, Македонија и Албанија ќе бидат длабоко навлезени во преговорите, рече Унгарецот Оливер Вархелји на сослушувањето пред Европскиот Парламент. Кандидатот за наследник на Хан, уверува дека меѓу првите приоритети ќе му биде да ги убеди Франција, Холандија и Данска пред самитот во мај во Загреб да дадат зелено светло за двете земји. Призна дека го фаворизира принципот на индивидуални заслуги, наместо пакет, но не беше конретен дали би ги одвоил Скопје и Тирана. Во однос на најавената методологија за преговарање, вели дека ќе биде бескомпромисен ако има застој во реформите за Македонија и Албанија.

-Доколку нема напредок и дојде до назадување на темелните права, независноста на судството, преговорите може да бидат запрени и поглавјата блокирани, а дури да биде запрена и финансиската помош. Нема да се воздржам од сите тие алатки., изјави Оливер Вархелји., кандидат за еврокомесар за проширување

На безмалку три часовното сослушување, Вархелји, кој е актуелен унгарски амбасадор во Брисел, на неколку пати се најде во вкрстен оган на Европратениците, пред се поради блискоста со Орбан и воздржаноста да се огради од неговите ставови. Оттука, не изостанаа ниту прашањата за азилот на екс премиерот Груевски, одобрен од унгарската Влада.

-Конкретно, прашањето за Груевски, С.Македонија, азилот и коментарите на унгарската влада. Нели сте независен, заземете позиција., праша Стелиус Кулоглу, европратеник од Грција

-Јас веќе зазедов став. А, мојот став е став и на Комисијата по тоа прашање. Ставот на Комисијата е дека давањето азил е во надлежност на земјите членки. Јас и натаму ќе го бранам тој став., изјави Оливер Вархелји, кандидат за еврокомесар за проширување

Оливер Вархелји е втора шанса Унгарија да добие еврокомесар, откако минатиот месец Европскиот парламент ја отфрли номинацијата на Ласло Трочањи поради конфликт на интереси.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1