Италијанските власти одлучиле за повеќе да не ги толерираат досадните капачи коишто ги „резервираат“ најдобрите места на плажите со пешкири или лежалки, па таквото однесување во иднина ќе биде казнувано со 200 евра.
Нема многу нешта коишто на летувањето може да нè изнервираат толку како доаѓањето на празна плажа рано наутро и соочувањето со фактот дека сите совршени места се веќе „преку ноќ“ затрпани со крпи од оние коишто сакаат долго да спијат, но и сè да им биде по волја.
Операцијата на италијанските власти наречена „Безбедно море“ така ќе биде проширена и на крпите, а првата акција веќе била спроведена во Ливорно, изминатиов викенд.
Како што пренесува „Република“, крајбрежната стража конфискувала 37 столчиња и лежалки, 30-тина чадори за сонце и крпи, како и неколку костими за капење.
Истовремено, надлежните од Тоскана до Сардинија им наплатуваат казни од 200 евра на оние коишто не ги почитуваат правилата за пристојно однесување.
„Во прашање е стара и вообичаена навика којашто се појавила кога првиот голем бран на туристи пристигнале во Италија по Втората светска војна“, наведува „Република“.