Осамени снајперисти, камиони како напаѓачко оружје, вооружени дронови…сето тоа се смета за можен безбедносен ризик на претседателската инаугурација на Доналд Трамп в петок во Вашингтон, на која се очекуваат околу милион лица, пренесува Хина.
Откако двајца џихадисти убиеја десетици луѓе во два напади со камиони во Ница и Белрин минатата година, американските безбедносни служби преземаат посебни мерки со цел нешто слично да не се повтори во нивниот главен град.
И додека Вашингтон е во трајна состојба на будност од можни завери од „Исламска држава“ или Ал Каеда, во последните неколку години се покажа дека земјата е ранлива на напади одвнатре, кои се само инспирирани од џихадистите надвор од САД, но спроведени од домашни екстремисти.
– Немаме ниту една веродостојна закана за инаугурацијата, изјави министерот внатрешна безбедност Џеј Џонсон.
– Но ситуацијата со глобалниот тероризам е поинаква од кога Барак Обама полагаше заклетва за вториот мандат во 2013 година, додаде Џонсон пред новинарите. – Мораме да бидеме загрижени од домашниот насилен екстремизам, оцени тој.
Околу 28.000 припадници на безбедносните сили во униформа и во цивил од педесетина различни американски безбедносни служби, вклучувајќи ја Тајната служба, Националната гарда, ФБИ, ќе бидат распоредени во Вашингтон на инаугурациските свечености.
Инаку, церемонијата ќе почне со полагање венец на Националните гробишта во Арлингтон, ќе се продолжи со поднесување заклетва, потоа инаугурациска парада и серија балови, за на крај да заврши со миса во Националната катедрала в сабота.
Посебно е чувствително положувањето заклетва пред западниот влез на Капитол, каде ќе бидат претседателот во заминување и новиот претседател, поранешните претседатели и повеќето функционери од администрацијата и Конгресот. Тие ќе бидат заштитени со непробојни стакла, а на покривите ќе бидат распоредени владини снајперисти. ФБИ во тоа подрачје ќе има радијациски, хемиски и биолошки детектори.
Традиционалната парада по Авенијата Пенсилванија од Капитол до Белата куќа, исто така, ќе биде испит за безбедносните служби.
Претседателот Џими Картер ги изненади сите кога пешачеше по целата траса (1,8 километри) во 1977 година. Од тогаш, претседателите одат само еден дел од патот, но и тоа е доволно агентите на тајната служба, задолжени за заштита на претседателското семејство, да се загрижат.
Безбедносните служби очекуваат меѓу 700 и 900 илјади луѓе на инаугурацијата, вклучувајќи и најмалку 99 групи кои планираат протести.
Центарот на Вашингтон со површина од седум километри квадратни ќе биде затворен за сообраќај со возила, а сите кои пеш ќе влегуваат ќе бидат детално прегледувани.
За да се спречи евентуален напад со камион, властите околу таа зона ќе постават бетонски бариери, камиони натоварени со цемент, камиони за отпад, автобуси и други тешки возила.
Долг е списокот на забранети предмети, а вклучува и какви било спрееви, балони, велосипеди, стаклени шишиња, стапови за селфи, ранци и ласери. Дозволени се мобилни телефони и многу мали чанти. Можат да се носат натписи за протестите, со строго одредени димензии, но не и нивни држачи.
На небото над Вашингтон забрането е користење на дронови, а доколку некој сепак се појави, Џонсон најавува технологија со која тоа ќе се реши.