Повеќе од 31.555 случаи на заболени од зика вирусот, меѓу кои 5.013 трудници, се потврдени во Колумбија според последните официјални податоци кои во саботата ги објави втората најпогодена земја по Бразил.
Досега 31.555 случаи на заболени со вирусот зика се забележани во земјата, наведе Државниот институт за здравство во соопштение. Институтот притоа прецизира дека во текон на последната седмица се забележани 5.910 нови случаи. Од вкупниот број заразени, 66,1 отсто се жени, од коишто, пак, 5.013 потврдени случаи кај трудници.
Зика вирусот се пренесува со каснување од заразен комарец од видот Aedes, главно од заболен и предизвикува симптоми слични на грипот. Се сомнева дека кај трудните жени доведува до тешки деформитети на фетусот, во прв ред микрокефалија.
Во петокот колумбиското министерство за здравство го најави доаѓањето на комисија од пет претставници од Центарот за контрола и превенција на болестите, американска владина агенција со седиште во Атланта, која ќе го истражува вирусот и неговите ефекти.
Колумбиските власти предвидуваат повеќе од 600.000 илјади заразени оваа година и околу 500 случаи на микрокефалија, а исто така препорачуваат жените да ја одложат бременоста за шест до осум месеци.
Во Бразил веќе се заразени повеќе од 1,5 милиони луѓе.