Синоќа на Инфективната клиника во Скопје починала 31-годишна пациентка од изолиран вирус на грип од типот А, а која спаѓала во ризична група пациенти и претходно боледувала од епилепсија, соопштија од клиниката.
Пациентка (1982), кај која лабораториски е изолиран вирус на грип од типот А, почина во текот на ноќта на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Пациентката имала дијагноза масивна билатерална бронхопневмонија, спаѓала во ризична група пациенти, а претходно боледувала од епилепсија.
Пациентката, соопшти Министерството за здравство, била хоспитализирана на 11 февруари во тешка општа состојба поради потешкотии кои почнале една недела пред прием со болки во грлото, изнемоштеност, покачена телесна температура и потешкотии во дишењето, поради што веднаш била поставена на механичка вентилација и отпочнат е третман со потребната антибиотска и антивирусна терапија.
На 18 февруари следела стабилизација на респираторната функција и виталните параметри по што била поставена на кислородна поддршка, но и покрај преземените мерки за интензивно лекување, во текот на ноќта состојбата се влошила и констатирана е смрт.
Кај починатата пациентка, како и кај претходно починатите со лабораториска потврда за грип се регистрирани потешки хронични заболувања, што придонело за дополнително влошување на нивната здравствена состојба, стои во соопштението.