Четириесетина државни функционери не го пополниле анкетниот лист со податоци за својот имот до Државната комисија за спречување на корупција.
Судии, директори, заменици-министри не го пријавиле имотот што го поседуваат, иако се должни тоа да го сторат рок од 30 дена по стапувањето на функцијата. Некои пак, во своите анкетни листови без да трепнат излажале дека „немаат имот“ иако се должни да го пријават имотот и на брачните сопружници ако веќе се погрижиле да немаат имот на нивно име. До овие информации може да се дојде со „прочешлување“ на податоците за околу 3.700 државни функционери, чии анкетни листови се објавени на официјалната интернет-страница на Државната комисија за спречување на корупција, пишува Утрински весник..
Најголем дел од 43 државни функционери, за кои е наведено дека немаат поднесено податоци за имотната состојба се судии, членови на општински совети или управни одбори, управители…
Меѓу нив нема звучни имиња за јавноста, но можат да се забележат податоците за двајца заменици-министри. Дел од нив безуспешно се обидувавме телефонски да ги исконтактираме и да ги прашаме дали и зошто не го пријавиле својот имот. Други, пак, тврдат дека поднеле извештај за имотот кој го поседуваат и се чудат зошто тоа не е регистрирано на официјалната интернет – страница на Комисијата.