Со новиот Закон за безбедност во сообраќајот, 50 евра е казната за пешакот што не оди на тротоар туку по улица. На терен, пак, пешаците велат дека се принудени да одат по коловоз како што е случајот со “Ленинова# чии тротоари се узурпирани од кафулињата и паркираните возила, па тие бараат прво овој проблем да се реши, а потоа да се казнуваат пешаците
Популарната скопска улица “Ленинова”, или по ново “Аминта Трети”, сите ја знаеме како едно големо продолжено кафуле и омилено место на скопската шема. Сепак, додека на едниот дел од улицата тротоарите се полни со кафулиња, на другиот, од булеварот “Партизански одреди” до улицата “Теодосиј Гологанов”, тротоарите веќе подолго време служат како паркиралишта на кои ретко кога има празно паркинг-место.
Која и да е пречката, возилата или угостителските објекти, на оваа улица простор за движење на пешаците нема, па тие секојдневно одат по коловозот каде веднаш до нив минуваат возилата. Ленинова е типичен пример каде за пешаците нема место на тротоартие, но ваква е сликата и на многу улици низ метрополата. Иако за ова не се виновни пешаците, новиот Закон за безбедност, пак превидува дури 50 евра казна за пешаци кои не одат по тротоар туку по коловоз.
– Паркирани возила, урбана опрема, жардиниери, столови, маси го узурпираат просторот наменет за пешаците. Тротоарите се блокирани и на нив движењето е невозможно. За да не казнуваат што одиме по улица, треба прво да обезбедат услови да одиме на тротоар, вели Стефан В. од општина Центар.
Од Општина Центар до затворањето на весникот не добивме одговор дали нешто ќе се преземе за ослободување на тротоарите. Еден дел од тротоарите се прилагодени за паркирање на возилата, за што општинското претпријатие “Паркинзи Центар” и наплаќа.
– Пешакот, по правило, не смее да се движи и да се задржува на коловозот, освен во случаи предвидени со законот. Ако е веќе на коловозот, тој задолжително треба да биде што поблиску до работ и да се движи мошне внимателно, на начин на кој не го попречува или не го спречува сообраќајот на возилата. Глоба во износ од 50 евра, ќе му се издаде на пешакот кој постапува спротивно на одредбите, стои во новиот закон.
И Правилникот за поставување летни тераси пред секое кафуле вели дека треба да има простор од 2,5 метри слободен за непречено движење на пешаците. Доколку угостителите не го почитуваат Правилникот, градежните инспектори по увидот на самото место имаат право да ја запленат урбаната опрема на кафулето.
Глоба од 30 за претрчување
Додека за неодење по тротоар пешаците со новиот закон ќе платат глоба од 50 евра, глоба од 30 евра во денарска противвредност ќе му биде изречена на лицето, пак кое сака да го премине коловозот на место каде што нема пешачки премин.
– Пешакот кој е со намера да премине преку коловозот на место каде што не постои обележан пешачки премин, не смее да стапи на коловозот ако со тоа го попречува сообраќајот на возилата. Прекршочен платен налог со глоба во износ од 30 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на пешакот кој постапува спротивно на одредбата. На обележан пешачки премин на кој сообраќајот на пешаците е регулиран со светлосни сообраќајни знаци за пешаци, пешакот е должен да постапува според тие знаци, стои во законот.
Вечер.мк