Министерството за здравство соопшти дека е регистриран прв случај на заболен од на западно-нилска треска во државата во 2013 година. Се работи за пациентката на возраст од 57 години, која не патувала надвор од државата, а симптомите на болеста започнале со висока температура и силни главоболки.
Лекувана е кај матичен лекар, по што била упатена и хоспитализирана на Инфективната клиника во Скопје. Во моментов, пациентката е во добра општа состојба и ја прима потребната терапија. Западно-нилска треска е заболување што се пренесува со каснување од заразен комарец со вирусот на западно-нилска треска.
Кај најголем број заболени, болеста може да помине без симптоми, додека кај помал дел од заболените се јавуваат симптоми како висока температура, треска, главоболка, мачнина, замор и сл, а само кај 1 процент може да се јават посериозни компликации (менингитис, енцефалитис, полиомиелитис-парализа).
Најдобра превентива е самозаштитата (користење креми и средства против комарци), како и дезинсекцијата на јавни површини. Над 60 проценти од општините веќе реализираа акции за прскање против комарци, а во останатите општини активностите се во тек и континуирано се спроведуваат.
Во текот на оваа недела и претстојниот викенд, во координација на Министерството за транспорт и врски ќе биде спроведена поширока акција за авионско прскање во туристичките места – Охрид, Дојран, Ресен, Крушево, Берово, чешиново-Облешево.
Комисијата за заразни болести при МЗ редовно ја следи состојбата со ова заболување во Македонија и ги презема потребни мерки за превенција, навремена дијагностика и лекување