Мерката за самовработување постигна рекорд со 6.045 поднесени апликации, што е доказ дека граѓаните имаат желба, знаење и доверба да изградат сопствен бизнис – изјави премиерот Христијан Мицкоски. Поради големиот интерес, Министерството за економија и труд, заедно со Агенцијата за вработување, ѝ предложија на Владата ревизија на Планот, со што беа обезбедени дополнителни 300 милиони денари, од кои 161 милион преку ребалансот, за ниту еден потенцијален претприемач да не остане без шанса.
„Беа распределени уште 300 милиони денари, со што преку ребалансот на буџетот беа доделени и дополнителни 161 милион денари за ниту еден потенцијален претприемач да не остане без можност. Оваа мерка е силен инструмент и во нашата стратешка борба против невработеноста“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Од 6.045 апликации, 3.296 се од млади под 29 години, што е особено позитивно, оценува министерот за економија Бесар Дурмиши. Финансиската помош е значително зголемена: 7.000 евра за лицата над 29 години и 10.000 евра за младите под 29 години.
За Оперативниот план за оваа година се издвоени 40 милиони евра, што е за 7.5 милиони евра повеќе од минатата година. Овие средства се очекува да опфатат 16.507 лица. Кај стартапите, доколку не успеат да го одржат отворениот бизнис две години или решат да го раскинат договорот, во првата година треба да вратат 80% од средствата, а во втората 60%.










