Законот за сопственост и други стварни права како етажна сопственост ги наведува сите станови, деловни простории, визби, гаражи и други посебни делови од станбени и деловни згради што имаат два или повеќе станови, односно деловни простории и други посебни делови можат да бидат во сопсвеност на различни физички или правни лица. Правото на сопственост на посебни делови од згради може да настане кај стамбени и деловни згради кои имаат два или повеќе станови, односно деловни простории и други посебни делови.
Настанувањето на етажната сопственост започнува уште кога градителот на станови или деловни простории согласно проектната документација во АКН(агенцијата за катастар на недвижнини) да ги запише кои делови ќе бидат заеднички, а кои посебни делови во зградата
Стан, дел од стан, помошна станбена и заедничка просторија врз основа на проектна документација може да се пренамени за вршење на деловна дејност по барање на сопственикот на тој дел од зградата, ако со тоа не се загрозува безбедноста на граѓаните во зградата, ако не се нанесува штета на зградата и ако не се оневозможуваат другите корисници во мирното користење на становите, по претходна согласност на мнозинството сопственици на становите, односно на деловните простории во зградата, односно на влезот во зградата. Одобрението за пренамена го издава надлежниот орган.
На заедничките делови од повеќестанбена зграда што се во состав на зградата како целина (темели, главни ѕидови, таван, фасада, скали, ходници, стан наменет за домарот, лифтови, електрична, канализациона, водоводна и телевизиска мрежа, телевизиски антени, бунари, простории за перење и сушење на облека, покрив, визба, уреди за затоплување, светларници, оџаци и слично) право на користење имаат сите сопственици на посебните делови.
Додека заедничките делови што се во функција само за некои посебни делови од зградата (посебна влезна врата, преградни ѕидови меѓу два стана или простории и слично), право на користење имаат сопствениците на тие посебни делови.
Сопственикот на посебен дел од зграда има право по своја волја да го користи својот посебен дел од зградата и со него слободно да располага, како и со споредните делови кои му служат на неговиот дел од зградата (визба, гаража и слично).
Ако посебниот дел од зградата е во сосопственост на две или повеќе лица (идеални делови), сосопственикот којшто сака да го продаде својот дел, должен е да го понуди на другиот сосопственик, односно другите сопственици.
Доколку посебниот дел од зграда е деловна просторија, право на првенствено купување со сопственикот има и закупецот. Продавачот е должен понудата за продажба на својот сосопственички дел од посебниот дел од зградата со означување на цената и условите за продажба да ја поднесе до другиот сосопственик, односно закупецот.
Ако зградата има куќен совет, понудата се дава преку куќниот совет, кој е должен за понудата да ги извести заинтересираните сосопственици, односно закупците на посебниот дел од зградата во рок од три дена од добивањето на понудата. Изјавата за прифаќање на понудата се поднесува непосредно на продавачот во рок од 30 дена од денот на добивањето, односно истекнувањето на понудата.
Доколку во рокот понудата не биде прифатена од сосопственикот, односно од сосопствениците на посебниот дел од зградата, продавачот може својот дел да го продаде на друго лице под условите наведени во понудата или за повисока продажна цена.
Кога според условите на понудата цената треба во целост или делумно да се исплати во готово, изјавата за прифаќање на понудата има правно дејство само ако во рокот понудувачот или кај основниот суд или нотарот на чије подрачје се наоѓа зградата биде исплатен односно депониран целиот износ што според понудата треба да се исплати во готово.
Секој етажен сопственик има свои должности и обврски при одржување на својот дел од зградата како што се одржување и грижа за својот дел од зградата, овозможување на извршување на нужни интервенции во зградата, да трпи комунално техничка службеност преку својот дел од зградата как што е се цевки од водовод, парно и слично, да учествува во тековното одржување и финансирање на зградата и доколку не живее во зградата да овласти полномошник.
Ако при користењето на својот дел од зградата сопственикот причинил штета на други делови од зградата што се во сопственост на други лица или со тоа се создаваат други пречки на деловите од зградата што се во нејзина функција како целина или на нејзини делови кои претставуваат посебна целина, тој е должен да ја надомести таа штета, односно да ги отстрани другите пречки кои се создаваат.
Сопственикот не може во својот дел да врши преправки што би можеле да го нарушат архитектонскиот лик на зградата или да ја намалат нејзината сигурност (стабилност), односно стабилноста на некој заеднички дел од зградата или на друг сопственик, како и на тие делови да им нанесе штета.