Младиот кошаркарски репрезентативец Филип Сотиров ненадејно почина на возраст од 15 години.
Сотиров тренираше кошарка во екипата на Водно Санс и беше еден од најталентираните македонски кошаркари пред кого се претскажуваше блескава иднина.
Според неофицијалните информации Сотиров со својот клуб требало да замине на кошаркарски камп во Охрид но не се разбудил од сон.
Истрагата треба да ја открие причината за ваквиот трагичен епилог иако Сотиров како што дознаваме редовно ги правел 6-месечните лекарски прегледи.
Веста за смртта на репрезентативецот денеска беше објавена и на официјалниот сајт на Македонската кошаркарска федерација (МКФ).
„Загубата е ненадоместлива. Смртта на Сотиров предизвика шок, голема тага и силна болка кај сите нас на овој црн ден за македонската кошарка“, се вели меѓу другото во информацијата.
Погребот на членот на националната селекција до 14 години, со која лани настапи на неофицијалното Европско првенство (ЕП) во Словенија, ќе се одржи утре на градските гробишта во Бутел со почеток во 12.30 часот.