Kајчиња натоварени со кафе и алкохол, но неретко и со цигари и со дрога се обидуваат неприметно да ја минат границата од Албанија во Македонија по Охридското Езеро. Најчеста локација од каде што тргнуваат шверцерите е пограничното село Лим во Албанија, а крајната дестинација и најблиската точка до земјава е село Радожда, пишува Дневник.
Сепак овој дел од државната граница секојдневно го обезбедуваат припадниците на Езерската полиција, кои патролираат со глисери, јахти и со скутери на вода. Езерската полиција од лани ја користи и јахтата што му беше запленета на бизнисменот Трифун Kостовски поради неплатена царина. Денес со јахтата вредна 100.000 евра се ловат шверцери, но и се спасуваат давеници, а некогаш се превезуваат и ВИП-личности.
Новинарската екипа на „Дневник“ ја посети полициската станица за граничен надзор- Охридско Езеро, сместена кај каналот Билјанини извори, на самиот брег на езерото.
– Најмногу се шверцуваат алкохол, кафе, цигари, но сме откривале и шверц на наркотици. Освен шверцот, на Охридското Езеро најзастапено е рибокрадството. Најчесто го вршат државјани на Албанија, кои илегално навлегуваат на македонскиот дел од езерото.