На градското пристаниште во Охрид денеска беше свечено откриен и осветен споменикот за празникот „Богојавление-Водици“ кој е одбележан со скулптура на маж кој го фатил крстот.
Скулптурата е излеана во бронза, висока е три метри и е дело на Ангел Коруновски, академски скулптор од Велес. На неа е претставен чинот на вадењето на крстот од осветените води на Охридското Езеро на празникот Богојавление.
Бележјето е донација и иницијатива на Ванчо Чифлиганец, директорот на градежната компанија „Адора Инженеринг“, кој беше и кум на манифестацијата „Водици“ во 2012 година.
– Спомен-обележјето „Фаќач на крст“ го заслужуваат сите генерации охриѓани кои биле и се дел од прославата Богојавление – Водици, по која Охрид е познат во светот, кај сите православни верници и туристи кои ја почувствувале величенственоста на тој верско-туристички спектакл. Се надевам дека и ова споменично обележје, заедно со другите споменици во Охрид, како атракција ќе се најде на фотографиите на туристите и на тој начин ќе се разнесува низ светот – истакна тој.