Албанците во Македонија се затвораат без докази. Затворите во земјата се преполни со Албанци. Се тепаат по улици, неосновано се приведуваат и малтретираат, а новинарите се спречени да си ја вршат работата. Ова е осуда што не ја направиле ниту српските судии, а тероризмот во нашата земја се третира како кривично дело. Тероризмот само во земјава изгледа се третира како високо казниво дело. На ниту едно друго место во светот. Така барем медиумите на албански јазик пишуваа по објавата на пресудата за доживотен затвор за обвинетите во случајот „Монструм“. Зад нив не заостануваат и одредени медиуми на македонски јазик, чија желба сево ова да заврши со крв по улиците тешко можеше да не се види.
Тензиите што со денови ги создаваат во врска со протестите што секојдневно се организираат никому не му одат во прилог. Напротив. Атмосферата која од ден на ден се вжештува, а се поттикнува и од седмата сила, нема да ја смири, ниту промени фактичката состојба. Најмалку сега е потребно да се подбуцнува тензија на меѓуетничка основа, со пишувања дека Албанците се повторно дискриминирани и неправедно осудени, односно оти во недостиг од доволно докази, неправедно затворени. Или, пак, дека се жртви за да се прикрие нешто сосема друго.
Постапка за „Монструм“ се водеше повеќе од две години. С` и сешто се изнаслушавме и изначитавме минатите две години, а особено последните 10-ина дена. Од тоа дека случајот е монтиран и осмислен до тоа дека станува збор за политичка конструкција. Пет животи се изгубени на Смилковско Езеро. Судот донесе одлука каква што донесе.
Врз основа на докази што само тој е овластен да ги цени. Далеку од тоа дека неговата работа никој не смее да ја коментира. Но во овој случај не видовме ниту еден аргумент во полза на тврдењата дека судот судел неправедно. С` се сведуваше на најприземна пропаганда водена од медиумите на албански јазик, со чување грб од медиуми на македонски јазик. Прашањето е: дали некој мисли дека ако убијците беа од неалбанска националност ќе добиеја помали казни? И со кој аргумент тоа би го поткрепил?
Редно е да се каже дека, всушност, станува збор за впрегнување на сите овие медиуми во политичката борба против Владата. Во ред, нека биде и тоа. Ама користењето на смртта на петтемина за таква цел веќе ги надминува сите граници на разумно човечко однесување.
Лепа Ѓоргиевска за Дневник