Паѓаат каматните стапки на субвенционираните станбени кредити. Ако претходно кредитите се нудеа со камата од 4,99%, со измените на Законот за субвенционирање станбен кредит, кои поминаа вчера во Собранието, граѓаните ќе имаат можност да се задолжат за станбен кредит со камата од 3,95 проценти за првите три години од отплатата на кредитот и од 5,5 проценти на 4,44 проценти за четвртата и петата година за моделот кај кој се субвенционира дел од месечниот ануитет, пренесува Лидер.
-Кај вториот модел субвенционирање на дел од учеството според кој Владата плаќа 50 проценти од учеството потребно за добивање кредит за стан, односно 75 проценти за куќа, каматната стапка ќе биде шестмесечна, плус 4,5 процетни поени за сето времено траење за исплатата на кредитот, појасни заменик-министерот за финансии Ардиан Џеладини.
Според податоците на Министерството за финансии, од почетокот на реализација на проектот, до почетокот на јули годинава донесени се 307 одлуки за субвенцииониран станбен кредит. Од нив, 238 се за моделот субвенции на ануитет, а останатите за субвенционирање учество. 263 апликации се за купување стан, а 44 се субвенции за изградба на куќа. Од Министерството нагласуваат дека очекуваат со најновите измени дополнително да се зголеми интересот кај граѓаните за субвенционираните станбени кредити.
Инаку, пред само неколку месеци, Владата повторно ги смени на подобро условите за аплицирање за субвенцониран станбен кредит. Сега можат да аплицираат семејства чии приходи достигнуваат до 1300 евра, наместо како претходно до 900 евра. Со измените ќе може да се направи и замена стан за поголема куќа, или куќа за поголем стан. Измена е и тоа што оние лица кои имаат во сопственост до половина од куќа или стан, исто ќе може да аплицираат за проектот.
Заинтересираните аплицираат за два модели „Рата“ и „Учество“. Државата плаќа 50 отсто од месечната рата за кредит за стан или 75 отсто за кредит за куќа, или пак дава 50 отсто од учеството за купување на стан или 75 отсто од учеството за купување, градење, надградување или доградување на куќа. За стан би добиле неповратни средства до 10 илјади евра, а за куќа 15 000 евра.
Најмногу интерес има во Скопје во општините Кисела Вода, Ѓорче Петров, Аеродром, потоа Струмица, Битола, Прилеп, Куманово и Гевгелија.