Ова е човекот кој го измисли спрејот за фудбалот – од сиромашен сега ќе стане милионер


Вистинскиот шампион на Светското првенство во Бразил не е Аргентина ниту Германија, кои синоќа играа во финалето, туку Бразилецот Хајне Алмањ (43). Така се вика изумителот на „магичниот спреј“ што го користат судиите за обележување на позицијата каде што треба да бидат поставени играчите во живиот ѕид, при изведувањето слободни удари, кој е на добар пат да стане милионер откако за неговиот изум се заинтересира и англиската Премиер-лига.

Spray-MainАлмањ вели дека потрошил 14 години за да ја разработи идејата за спрејот, која ја добил откако следел пренос од фудбалски натпревар, затоа што го сакал фудбалот и оти парите не му биле најбитни.
– Не го следев внимателно мечот, но во еден момент судијата досуди слободен удар и се мачеше да ги намести играчите на прописно растојание. Тогаш го слушнав коментаторот како се прашува дали ќе се најде начин живиот ѕид некогаш да биде оддалечен колку што треба од топката. Веднаш помислив дека јас ќе го решам тој проблем – вели Алмањ.

Бразилецот, кој претходно немал никаква врска со иновациите, по една недела почнал да ја разработува идејата со спрејот, кој е комбинација на зеленчуково масло со пропан и бутан-гас. Во изработката на спрејот помогнала малата локална фабрика за козметика.

Првпат спрејот наречен „9,15 ферплеј“ бил тестиран на куп-натпревар во Бело Хоризонте во 2000 година. До 2012 година спрејот бил употребен на 18.000 професионални натпревари во Бразил. Малопродажната цена на спрејот ќе биде околу 3,5 евра. На СП во Бразил ФИФА ги снабди судиите со 320 конзерви спреј, што хипотетички на Алмањ му донесе заработка од околу 1.200 евра, за почеток.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1