На некои гости во „Мек Доналдс“ и „Кентаки фрајд чикен“ во Кина отпосле ќе им се згади. Кинеските власти открија фирма доставувач на месо, која ги снабдувала рестораните со обработено мувлосано телешко и пилешко месо.
Телевизиски снимки објавени во јуни оваа година предизвикаа истрага. Кинеската државна телевизија покажа како од очигледно делумно мувлосано месо се прават плескавици за синџири на ресторани за брза храна. Од оваа фабрика во Шангај доаѓаат ќофтиња и пилешко месо наменети за „Мек Доналдс“ и „Кентаки фрајд чикен“, пишува DW.
Санитарните инспектори со камери влегоа во фабриката за да направат инспекција. Тие земаа примероци од месото и се обидоа да ги ископираат контролните листи. Од нив произлезе дека на расипаното месо се лепеле нови етикети и се продавало како употребливо.
Тајни видеоснимки открија што се случува при производството на месните производи
„Кога почнавме да ги копираме податоците, се’ беше во ред. Ја копиравме базата со податоци од мрежата на компанијата и таа беше прекината пред речиси да успееме. Мислиме дека серверот беше исклучен“, објасни еден од кинеските инспектори од „Шангајската служба за храна и лекови“.
Потоа се преминало кон ракописно пренесување на листите. Ако се потврди сомнежот, тогаш тоа би бил голем удар за „Мек Доналдс“ и „Кентаки фрајд чикен“. За двата ланци на ресторани Кина е екстремно значаен растечки пазар.
Откако беше откриен скандалот од страна на кинеската телевизија, фирмите добија наредба да го повлечат спорното месо од понудата.