Сексот без обврски и ефектите врз емоционалната состојба, сексуалната ориентација, промискуитетот и немоногамијата се во фокусот на нејзината академска работа. Од факултетот за психологија во Скопје науката ја одвела во Њујорк каде што пред осум години стекнала докторска диплома по развојна психологија на Универзитетот „Kорнел“.
Денес, Снежана Врангалова или попозната како д-р Жана, е меѓу најценетите сексолози во САД и професор на катедрата по психологија на Њујоршкиот универзитет. Kолегите сексолози сметаат дека нејзините истражувања се фасцинантни, а „Њујорк дејли њуз“ ја нарече њујоршки мајстор за секс. Таа е основач на проектот „Секс без обврски“ – форум за вистински искуства од вистински луѓе кои се исповедуваат за „мувања“, едновечерен секс, пријатели што имаат повремено секс и слично.
Врангалова во интервју за американското списание за жени „Ревишли“ вели дека од секогаш била фасцинирана од оваа тема, особено од двојните сексуални стандарди и сексуалната ориентација. Таа дипломирала психологија во Македонија. И во тоа време истражувала за сексуалноста. Била вклучена во групи за правата на ЛГБТ-заедницата и во проекти поврзани со стигмата.
Според неа, пред 30 години доминирало мислењето дека само сексот во брак е прифатлив, а денес, пак, владее мислењето дека сексот е за сериозните врски. Сепак, иако бавно, се менуваат мислењата за разни сексуални однесувања.
– Доаѓаме до точка во која учиме дека не можеме да речеме дека постои само добро и само лошо кога станува збор за сексот. Денес постојат толку многу различни гледања на сексуалноста и с` повеќе луѓе се обидуваат различни нешта. Младите с` уште одат на состаноци и имаат долги врски, а тие исто така експериментираат со различни форми на сексуалност – смета таа.
Во рамките на нејзиниот проект „Секс без обврски“ луѓето секојдневно ги споделуваат своите искуства од кои сите можеме да научиме по нешто, вели Врангалова.
Dnevnik.mk