Влатко Трпевски имал само 25 години, кога на 17 август годинава починал за само неколку часа, откако бил примен во Градската хируршка болница„ Св. Наум Охридски“. Зад себе остави сопруга и три деца. Неговите родители бараат одговор од што починал нивниот син, за чија смрт велат дека е обвиткана во мистерија, со многу нејаснотии, јавува Нова ТВ.
-Сакам да знам од што почина мојот син, дали е лекарска грешка, пропуст во лекувањето, имам овде во документите многу невистини, се ова ми отвара сомнеж, вели Марија Трпевска мајка на починатиот Влатко.
Се почнало кога на Влатко му се слошило бидејќи неможел да измокри, откако конзумирал многу течности во организмот. Веднаш бил однесен во Градска болница, а снимката од ЕХО покажала дека има камче над бешика.
Откако во неколку наврати се онесвестил и болките не се смирувале му била дадена инфузија, но повторно катетерот останал празен. Снимките на Комјутеризирана томографија за лекарите отвориле сомнеж , по што бил однесен на интензивна нега. Родителите по ова веќе не го виделе нивниот син и незнаат што се случувало со него од 15 до 19 и 30 часот во неделата на 17 август, кога бил однесен на операција. За време на операцијата 25 годишниот Влатко починал.
Обдукција за која мајката дала усна согласност не е направена. Утредента телото го барале на Институтот за Судска медицина и на Патологија. Биле изненадени кога дознале дека нивниот починат син се уште е во Градска болница, во некоја кабина, каде што телото стоело цела ноќ и утредента до пладне. Од непознати причини Болницата не побарала да се изврши обдукција која е задолжителна со закон во вакви случаи. Неговиот татко Аце кој бил под дејство на седативи, утредента кога конечно го пронашол телото во присуство на дедото, односно татко на сопругата на Влатко, потпишал да не се врши обдукција.
Семејството Трпевски велат дека дури по два месеци ја добиле отпусната листа, откако мајката сама го пронашла резултатот од патологија, кој го криеле во болницата и во кој вели дека се покажало дека нема ниту тумор, ниту метастази. Велат дека нивниот син никогаш не бил болен во животот. Нефицијално, лекарот им кажал дека искрварил на операција.
Директорката на Градска болница, Јасминка Чабуковска за НОВА изјави дека обдукција не е направена на инсистирање на родителите.
-Јас лично сум сведок дека по смртта, таткото и дедото потпишаа телото да им предадено без обдукција. Имам право на заштита на лични податоци и не мора да ви кажам од што почина пациентот. Доколку семејството смета дека нешто не им се допаѓа , не им се ускратени правните механизми, постои суд, може да побараат правна разрешница и нема потреба овој случај медиумски да се покрива, изјави видно вознемирена и со висок тон Чабуковска.
Сега семејството чека одговор од Министерството за здравство, од што починал нивниот син. На 1 септември поднеле барање да се испитаат околностите за неговата смрт, но месец и половина се уште немаат никаков одговор.
Целиот сторија и видеото на НОВАТВ