Телото на Дениса Маркоска од Грција во Македонија ќе пристигне во вторник. Ова за МРТ го потврди нејзиниот татко, Кирил Маркоски, на кого ова му било соопштено од страна на осигурителната компанија која во целост ќе го покрие транспортот. Маркоски рече му било кажано дека телото за да го издржи долгиот пат од Родос до Македонија морало да се балсамира, што значително би ја отежнало реобдукцијата кај нас. Токму поради тоа тие вчера побарале од Јавниот обвинител да дозволи да направат само уште една споредба на ДНК материјалите, но според Маркоски, Обвинителството не им дозволило.
Таткото на Дениса, кој поради шок неможеше да даде изјава пред камера, апелира до институциите да дозволат новата споредба на ДНК-та за да како што вели, со сигурност да знае чие тело ќе го погреба наредната недела.
Јавниот обвинител, Марко Зврлески, за МРТ рече дека не е точно дека тие не дозволуваат нова споредба, но според нив тоа не било потребно затоа што анализата направена во Грција била според сите стандарди и тие не се сомневале во тие податоци.
Го контактиравме и директорот на Институтот за судска медицина , Алексеј Дума, кој рече дека иако телото е балсамирано, може да се направи реобдукција, но сепак согласност треба прво да даде Јавниот обвинител и целата постапка да ги помине законските протоколи.
Таткото на Дениса истакна дека тие по секоја цена ќе останат на ова нивно барање, а за ова со писмо ќе ги известел сите надлежни институции. Инаку според податоците на ДНК анализата која пристигна во Македонија телото пронајдено во грција 99,9% било она на Дениса.
За да се зголемува сомнежот кај Маркоски исто придонесувало тоа што и после толку време од Грција немаат добиено писмен документ од што настапила смртта кај Дениса, иако е извршена обдукција на телото.
Како ќе се одвива целиот случај понатаму останува да се види во наредните денови.