Откако пред еден месец рокот за увоз на автомобили со стандард на моторот Еуро 2 од февруари 2016 се помести на 31 декември годинава, сега во оптек се информации дека постои можност да се ограничи употребата на ваквите возила, кои се произведени пред дваесетина и повеќе години. Од Владата вчера не добивме официјална информација дали се разгледува ваква опција, но пред извесно време министерот за економија, а сега и министерот за животна средина и просторно планирање за медиумите информира дека Владата разгледува и таква можност, пишува Вечер. Пред околу еден месец министерот за економија Беким Незири официјално најави дека е можно ограничување на користењето на овие возила преку забрана за нивна регистрација или обврска за вградување нов катализатор со повисок стандард. Сега со слична најава се огласува и министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изеири.
– Во Владата се разгледуваат сите опции за рестрикција на старите возила и откако ќе се анализираат сите околности ќе излеземе со конкретна информација за тоа кои ќе бидат насоките за ова прашање, ја пренесе телевизија Алсат М неговата изјава.
Според непотврдени информации една од опциите е воведување обврска за вградување нов катализатор, кој би ја намалил емисијата на штетни гасови на ниво на стандардот Еуро 4. Како втора опција за отстранување од сообраќај на овие стари возила е да се даде временски рок до кога ќе може да се регистрираат, по кој веќе нема да се возат. Се шпекулира и за трета варијанта, а таа е ваквите автомобили да не можат да се возат во централните градски подрачја. Причината за евентуалното донесување на некоја вакви мерка е намалување на загадувањето на воздухот, во кое овие возила имаат голем придонес.
Пред четири и пол години се дозволи увоз на возила со стандард Еуро 2 под поволни услови и тогаш во земјата влегоа над 150.000. Ова беше социјална мерка, која според анализите на Владата правени во јули и август годинава ја постигнала својата цел и нема потреба да продолжи. Вважечката регулатива предвидува возилата со Еуро 3 стандард на моторот да може се увезуваат најдоцна до 30 јуни 2015 година, а веќе од 1 јули 2015 година увоз ќе биде возможен за возила со најмалку Еуро 4 стандард. Целта е на овој начин да дојде до повторна обнова на возниот парк на едно повисоко ниво.