Британски „Телеграф“ пренесе дека милионерите имаат можност да купат луксузни станови во подземната зграда, која што се наоѓа на тајна локација, во близина на градот Конкордија, во Канзас и на тој начин да преживеат евентуален нуклеарен напад.
Според наводите некогашните нуклеарни силоси пред неколку години ги купил Лари Хол и ги направил во луксузна скривница, за да ја преживее „апокалипсата“ на 21-ви декември 2012 година.
Таканаречените станови за преживување чија што цена се движи помеѓу 1,5 и 4,5 милиони долари, се наоѓаат во две згради, а едната од нив веќе е распродадена. Инаку како што се наведува станарите во овие згради, ќе имаат пристап до библиотека, базен, бар, кино, спа третмани и многу други видови на забава. Сопствениците на кучиња ќе имаат каде да ги шетаат своите миленици, а можно е да се занимаваат и со разни спортови, како што се стрелаштво и искачување по вештачка карпа.
Во случај на нуклеарна војна или некоја друга катастрофа, комплексот ќе биде обезбеден со чист воздух, вода и храна за 70 лица во тек на пет години. Според пишувањето на „Телеграф“ комплексот има свој извор на електрична енергија, резервоар за вода со капацитет од 300.000 литри и систем за прочистување на воздух, кој може да издржи нуклеарна, биолошка и хемиска војна.
Зеленчукот би се одгледувал во хидропонска градина, а зградите содржат и рибник, амбуланта, простории за телкомуникација и метеоролошка станица. Помалите станови можат да примат до пет лица, додека поголемите до 10 и сите потполно се опремени со купатила и џакузи. Ентериерот е ултра модерен со осветлување кое имитира сончева светлина и видео екрани, кои прикажуваат сцени по избор. Силосот е изграден од бетонски ѕидови, чија што дебелина изнесува околу три метри, а врвот ќе биде покриен со купола дизјанирана да издржи ветрови од околу 800 километри на час.
Се наведува дека во момент на армагедон, по сопствениците на становите и останатите станари ќе дојде оклопно возило, кое ќе ги однесе до нивните луксузни станови за преживување.