Осум деца избодени до смрт се пронајдени во куќа во Кернс, Австралија. Полицијата во Квинсленд добила повик дека во предградието на Кернс во куќа се наоѓа жена со тешки повреди. При упадот во домот, полицијата пронашла тела на деца на возраст од 18 месеци, до 15 години. Ранетата жена била однесена во болница на лекување, но таа веќе помагала во истрагата.
Полусестрата на тешко ранетата жена, Лиса Тејдеј во разговорот со новинарите изјавила дека станува збор за мајката на седум од убиените деца, велејќи дека прв за масакрот дознал полубратот на децата, откако пристигнал дома. Во меѓувреме полицијата соопштила дека ќе им бидат потребни неколку часа пред да ја завршат форензичката анализа. Од таму велат дека нема основа за поврзување на оваа трагедија со тероризам како и дека ја држат ситуацијата под контрола.
– Ова е трагичен настан, но нема причина за загриженост на јавноста. Се уште немаме осомничен ниту некого сме уапсиле, но повредената жена веќе ни помага во истрагата – изјави Бруно Асникар- детектив.
Премиерот Тони Абот исто така го коментирал крвавото убиство. “Станува збор за незапаметено злосторство. Ова се тешки денови за нашата земја”, порачал Абот.
Австралија се уште е во шок откако полицијата во вторникот наутро успеала да и стави крај на 16 часовната заложничка криза во Сиднеј, во која што беа убиени три лица, помеѓу кои беше и киднаперот.