Дубаи веќе неколку години е меѓу светските топ дестинации. Развојот на Обединетите Арапски Емирати и самиот град Дубаи т.е. богатството со кои изобилуваат ги привлекле светските компании да отвораат свои претставништва. Дубаи стана и шопинг центар кој привлекува се повеќе џетсетери.
Својата среќа и дел од тој раскош се обидуваат да го уловат младите девојки од целиот свет, а многу од нив се од балканските земји. Се почесто се слушаат вести дека некоја убавица или манекенка се омажила за богат шеик. Но едно е тоа што се крие под завесата на љубовта, а друго е манекенството, зад кое многу често се крие работа на ескорт дамите.
За ваква тема сепак е тешко да се најде искрен соговорник. Но босанската моделка и актерка Јелена Југовиќ, која својата кариера ја гради во Истанбул за босанскиот портал „Дневни аваз“ раскажала зошто Дубаи е неодолива дестинација за многу девојки.
-Запознав многу девојки кои отишле во Дубаи и секоја може да се пофали со добра заработка. Таму има многу познати модни агенции, но девојките кои работат за нив не се занимаваат со манекенство – изјавила Југовиќ.
Според нејзините зборови, на овие дами трошоците им се платени, живеат во луксузни вили, а слободното време го користат за шопинг.
– Нивната работа воглавно е излегување на вечера со богат маж, а за тоа им е платено повеќе од 1.000 долари за ноќ. Се зависи од тоа која девојка колку ќе успее да се вклопи и снајде – објаснила Југовиќ.
Шансата добро да заработат од ескорт услугите не ја гледаат само дамите туку и многу мажи кои на тие девојки сакаат да заработат, но може да се случи откако ќе ја завршат работата да бидат измамени.
Босанскиот манекен Алдин Буснов, кој со години живее и работи во Дубаи, за „Аваз“ открил дека човек од Босна отворил модна агенција во Дубаи но се утврдило дека тоа било параван за ескорт услуги.
– Имаше многу девојки од поранешна Југославија, кои оделе на вечери со шеици и милијардери во Абу Даби. Овде проституцијата е во експанзија – изјавил Буснов.
Сепак девојките не го добиле својот хонорар, бидејќи „модниот агент“ побегнал со парите, кога било откриено со што всушност се занимава оваа агенција.
Тој тврди дека во Дубаи нема професионални манекенки кои доааѓаат од регионот, и дека ги нема ниту на снимањата ниту на модните писти.
Но, не е занемарлив бројот на девојки од Балканот кои отишле во Дубаи поради љубов. Тие ја напуштиле својата татковина, се омажиле за богаташи и станале горди мајки и сопруги, а најмногу ги има од Србија и Хрватска. Добар пример е поранешната Мис на Југославија, Јелена Јаковлевиќ која е мажена за шеикот Саид Бин Драи.