Се што гледаме е само информација во чипот на кредитна картичка.
Паралелните светови постојат токму сега, во паралелните универзуми кои константно меѓусебно реагираат, наведува група американски и австралиски научници. Можеби звучи како научна фантастика, но новата теорија има капацитет да разреши многу од прашањата од квантната механика која со векови ги мачи истражувачите.
Тимот од универзитетот Грифитс во Калифорнија сугерира дека паралелните светови не еволуирале независно, туку дека влијаат едни на други со суптилно одбивање. Тие тврдат дека таквата интеракција би можела да објасни се што е бизарно во начинот на кој честиците се однесуваат на микроскопско ниво.
Многу е тешко да се проникне во квантната механика, каде се јавуваат разни чудни феномени кои ги кршат законите на акција и реакција.
„Идејата за паралелни универзуми во квантната механика постои уште од 1957-та година“, вели Хауард Вајзман, професор по физика на Грифитс. „Во познатата интерпретација на теоријата за повеќе светови, секој универзум се разгранува во низа на нови универзуми секогаш кога ќе се изврши квантно мерење. Па така, доаѓа до создавање на нови можности – токму така во еден универзум астероидот кој ги уби диносаурусите ја промашува Земјата, додека во друг Австралија ја колонизираат Португалците…
…Сепак, критичарите го преиспитуваат постоењето на овие други универзуми, со оглед на тоа дека тие воопшто не влијаат на нашиот. Што се однесува до тоа, нашиот пристап на „Повеќе интерактивни светови“ е сосема поинаков, како што кажува и самото име“.
Теоријата за многу светови за прв пат ја предложил Хју Еверет, кој сметал дека способноста на квантните честици да окупираат две состојби одеднаш може да се објасни со тоа што тие две состојби коегзистираат во различни универзуми. Тоа се случува зашто квантните честици, наместо да окупираат една состојба и да се распаднат, всушност окупираат две состојби истовремено.
„Универзумот е холограм и се што гледате, вклучувајќи ја и оваа статија и уредот на кој ја читате, е само проекција“. Така тврди контроверзниот модел од 1997-та, предложен од теоретскиот физичар Хуан Малдасена. До сега, таа теорија никогаш не беше тестирана, ама новите математички модели укажуваат на тоа дека овој необичен принцип може да биде точен. Според таа теорија, гравитацијата во универзумот потекнува од нежни, вибрирачки нишки. Овие нишки се холограми на настаните кои се одвиваат во простиот, тенок космос. Моделот на Малдасена сугерира дека универзумот постои во девет димензии на просторот и само една димензија на време.
Во декември, јапонските истражувачи се обидоа да го одгатнат овој проблем, приложувајќи математички доказ дека принципот на холограм може да е точен. Овој принцип сугерира дека постои дводимензионална површина, како чип на кредитна картичка, која ги содржи сите информации потребни за опишување на тродимензионален објект, во овој случај – нашиот универзум. Во суштина, тврдењето е дека податоците кои се содржат во описот на обемот на вселената – на пример, човек или комета, би можеле да бидат скриени во регионот на овие урамнотежени, „прави“ верзии на универзумот. На пример, сите објекти кои би упаднале во црна дупка би останале засекогаш во нејзината содржина. Тоа значи дека тие практично се чуваат во вид на „меморија“ или дел од податок, а не како физички објект.
Како и Еверет, професор Вајзман и неговите колеги сметаат дека универзумот кој ние го доживуваме претставува само еден од огромниот број на универзуми. Тие веруваат дека постојат и некои други светови речиси исти како нашиот, но дека најголемиот дел се различни од нашиот. Сите овие светови се подеднакво реални, постојат континуално во времето и поседуваат прецизно дефинирани својства. Според Вајзман и неговите соработници, квантниот феномен се појавува како резултат на универзалната сила на одбивање помеѓу „околните“ светови, која тежнее да ги направи што повеќе различни.
Д-р. Мајкл Холс, од одделот за квантна динамика на Грифитс, додава дека теоријата за „многу интерактивни светови“ може да пружи неверојатна можност да се тестира постоењето на другите светови. „Убавината на нашиот пристап е во тоа што, ако постои само еден свет, нашата теорија се сведува на њутнова механика, ама ако постојат огромен број светови, тогаш зборуваме за квантна механика. Во суштина, се јавува нешто помеѓу, нешто што не е њутнова теорија, но ни квантна теорија“, објаснува тој. „Исто така, веруваме дека новата ментална слика за квантните ефекти би била корисна за планирање на експериментите за тестирање на квантните феномени“.
„Нам ни се чини дека нема ништо неверојатно во таа идеја“, додава Вајзман. „За оние кои ја сакаат научната фантастика, идејата за комуникација со паралелните светови веќе не изгледа така далеку“.
Можноста за тоа да се процени квантната еволуција при употребата на конечен број на светови може да доведе до значајни разгранувања во молекуларната динамика, кои се важни за разбирање на хемиските реакции и делувањето на дрогата.
„Ова се сјајни идеи, не само концептуално, туку и во склад со новите бројчени достигнувања кои со сигурност ќе ги предизвикаат“, оценува Бил Појријер, истакнат професор по хемија на Технолошкиот универзитет во Тексас.
(Web tribune)