Граѓаните при секоја замена на личната карта ќе треба да поднесат документ врз основа на кој стекнале право на пријавување на живеалиште, односно да достават доказ за сопственост, закуп, послуга и слично, предвидуваат измените во Законот за лични карти.
Се предлага, барањето за издавање на лична карта да се поднесе во надлежна организациска единица на МВР, според местото на престојувалиштето, а да може за да се подигање во простории надвор од службените простории на МВР, при што граѓанинот ќе треба да плати посебен надоместок за извршената услуга.
Денеска за измените гласаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, додека пратениците од ДУИ се изјаснија дека за него нема да гласаат ниту во второто читање, за чие донесување е потребно двојно мнозинство.
Според координаторот на пратеничката група на ДУИ, Талат Џафери, ова може да предизвика политички последици.
– Од два милиони луѓе ќе се бара уште еден документ за да го потврдат местото на живеење – рече Џафери.
Пратениците Роза Топузовска Каревска и Кенан Хасипи укажаа на опасноста од можна злоупотреба на личните карти и нивно двојно издавање имајќи предвид дека измените предвидуваат тие да бидат издавани во местата каде што граѓаните би престојувале.