Трагедија се случила во петокот во шпанскиот град Кастелон дела Плана, во областа Валенсија. Таму, штипјанец, возач на шлепер го прегазил својот другар и колега Сашко Коцев при паркирање, извести ТВ Стар.
Сашко се симнал од кабината и отишол позади камионот, а во еден момент „излегол“ од ретровизорот, по што бил прегазен.
Возачот добил 48 часовен притвор.
Инаку, Сашко Коцев е 33 годишен штипјанец и е татко на едно дете, а живеел во Ново Село. Во Шпанија, каде престојувала и неговата сестра, во изминатиот период одел неколкупати барајќи постојана егзистенција, додава ТВ Стар.
Трагедијата со Сашко и неговиот другар кој го прегази е очајно болна за нивните најблиски. Семејството на починатиот во сета неволја сега од врата на врата бара 5.000 евра за транспорт на телото од Шпанија до Штип, а семејството на неговиот другар бара пари за адвокати.
Општина Штип се вклучи со директна поддршка на семејството на починатиот, со цел транспортирање на неговото тело во Штип, па ќе биде отворен број за донации преку операторот ВИП, а Општина Штип и градоначалникот ќе донираат 30.000 денари. Во меѓувреме, сите заинтересирани правни и физички лица, кои сакаат да донираат средства, можат да контактираат со Општина Штип, кабинет на градоначалникот за да се соберат што побргу овие потребни пари.