– Повеќе од десетина полицајци, како и демонстранти се повредени откако вечерва ескалира протестот пред Владата. Демолирани се и полициски автомобили и запалени се контејнери во тек на протестот што уследи по објавувањето на материјалите од страна на СДСМ за убиството на Мартин Нешкоски во јуни 2011 година.
Портпаролот на МВР Иво Котевски информира дека на Ургентен центар, според досегашните информации, се примени осум повредени полицајци и тројца цивили, во хируршката болница „Свети Климент Охридски“ четворица полицајци, а во Градска општа болница „8-ми септември“ еден полицаец и еден цивил.
Приведени се демонстранти, а според Котевски повеќе информации МВР ќе соопшти утре.
– Полицијата вечерва беше предмет на досега невиден брутален напад. Полицаецот со посериозни повреди бил нападнат со шипки и бекатон плочки. Демолирани се неколку полициски автомобили, како и државен имот кај Владата, изјави за МИА Котевски.
По неколкучасовниот протест, што почна во 18 часот, полицијата ја растера толпата граѓани кон околните улици кај Владата, а пристапот кон владината зграда е блокиран.
Во тек на протестот демонстрантите бараа одговорност и оставки од претставници на власта за убиството на Нешкоски, за кое судот определи казна затвор од 14 години за Игор Спасов, припадник на полициската единица „Тигри“. Фрлаа најразлични предмети и се обидуваа да влезат во Владата. По почетокот на протестот во еден момент дел од учесниците ги прескокнаа заштитните огради, но беа оневозможени од полицијата да влезат во Владата.
Пред почетокот на протестот министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на прес-конференција во Владата рече дека снимките кои ги објавува претседателот на СДСМ Зоран Заев се креиран, монитиран и лепен материјал. Нагласи дека во ниту еден момент ниту МВР, ниту кој било политичар или функционер не само што не го сокривал убиството, туку со сите сили се труделе да дојде до брза разрешница и сторителот да биде изведен пред лицето на правдата. Јанкулоска оцени дека Заев за политички цели злоупотребува смрт на млад човек