Денес и утре во Македонија е ден на жалост, откако во последните два дена во Куманово се води престрелка помеѓу полицијата и вооружена терористичка група, во која животот веќе го загубија осум припадници на македонската полиција, еден од нив и поранешен професионален фудбалер кој настапуваше во македонската фудбалска лига.
Вчера, при акција на македонските безбедносни сили, во престрелка во Куманово, на 27-годишна возраст загина поранешниот фудбалер на неколку домашни прволигаши Ненад Серафимовски, пишува Екипа.мк.
Македонскиот фудбал засекогаш останува да се сеќава на момчето од вардаровите редови кое во периодот од 2005 до 2011 година беше активен партиципиент на домашната прволигашка сцена. Серафимовски, кој потекнува од Гостивар, мина низ младинските школи на Вардар за да една сезона настапува и во првиот тим на најтрофејниот македонски клуб и тоа во годините кога на Вардар, организациски и финансиски несреден, му беше најпотребна помошта од секој поединец. Во својата кариера потоа настапуваше и за Работнички, Хоризонт Турново и Скопје, за да фудбалската кариера ја заврши во Милано од Куманово, по што се одлучи професионално да се активира како припадник на македонскиот безбедносен систем.
ЕКИПА.МК