Улиците во Куманово на кои се наоѓаат виталните институции од ноќеска се под полициска блокада. Официјално – просторот се обезбедува од превентивни причини. Каква е атмосферата во градот, пренесува екипата на МТВ.
Мирно, но раздвижено беше денеска во Куманово. Единствено поразлично од вчера е полициската блокада на главната улица „11 Октомври“ каде што се сместени поголем број институции. Официјалниот став на полицијата е дека блокадата е поради безбедносни причини.
Кумановци ги завршуваа своите обврски. И покрај полициската блокада на улицата „11 Октомври“ во центарот на градот, институциите непрекинато работат. Токму пазарниот ден Куманово го прави пожив од другите денови. Граѓаните и покрај зголеменото полициско присуство велат дека се чуствуваат безбедни.
Градоначалникот Зоран Дамјановски по состанокот со полициските началници и директорите на основните училишта изјави дека нема многу информации. Но, апелираше граѓаните да останат смирени.
„Првично тоа е од безбедносни причини на институциите“, потврди градоначалникот Зоран Дамјановски.
Раздвижено е и во населбата „Тоде Мендол“ каде полицијата минатиот викенд ја неутрализираше терористичката група. Граѓаните околу своите куќи, ЕВН е на терен да се нормализира снабдувањето со струја и во последните оштетени куќи. Се дели хуманитарна помош.