Попдраголевиот зборник, кој се чува во Народната библиотека во Белград, има 272 листа и потекнува од 13-от век, а бил откриен во 1873-та година во селото Скутари, крај Скадар, Албанија, во старо свештеничко семејство. По неговото расчитување, може да се каже дека се разгатнати некои претскажувања за пропаста на светот и за послед-ното време, но откриени се и топонимите Струмица, Овче Поле и други, кои укажуваат на местото каде што ќе се случуваат дел од настаните предвидени пред седум века во оваа тајна книга.
Во Попдраголевиот зборник, ракописни книга со македонска писмена традиција, за првпат се расчитани досега непознати виденија и предвидувања за пропаста на светот, во кои се спомнуваат топонимите Струмица, Вардија, Гигово Поле, Мезина, Овче Поле и Таен рај, кои ги нема во ниту една друга ракописна книга со верска содржина од Средниот век.
Во првиот дел од овој таен ракопис се соопштува за повеќе владетели кои ќе владеат пред ‘последните времиња’, но и за доаѓањето на антихристот, додека во вториот дел е раскажана тајната историја за последниот византиски цар Михаил и за второто пришествие. Претскажувањата во Попдраголевиот зборник се пишувани со мрачно предвестување за се’ она што треба да се случува во иднина, а истовремено тие се опомена до луѓето за исполнување на божјите критериуми.
Во ‘Видението за последните денови и крајот на светот’ е искажано мрачното претскажување на пророкот Данил за иднината т.е. за царевите до последните денови на крајот на светот. Авторот на ова тајно претскажување внесува свои коментари за владеењето на царевите и за крајот на светот, при што констатира дека свештениците ќе бидат оттргнати од престолите, а земјата ќе ја зафати голем хаос. Потоа продолжува со настан од западните краишта на градот Средец (денес Софија н.з.), каде што ќе бидат пратени гласници наречени Тириниди, кои ќе прават ѕверства, но ќе им се спро-тивстават оние кои се од нивните краишта и тие ќе бидат убиени. Подоцна ќе се појават двајца мачители, едниот од исток на градот, а другиот од запад. Тие меѓусебно ќе се сретнат на местото наречено Аркадун каде што ќе се убијат, а крвта ќе го потисне морето. Следува појавувањето на Измаилите, кои пристигнуваат до местото наречено Јенеј, a потоа ги пустошат Персија, Романија, Калварија, Сицилија…
Но, се вели во Видението, ќе се појави некој со име Стокофалеу, кој ќе стигне во Аркадун каде што ќе биде помазан за цар што жестоко ќе се бори против Измаилите. Борбата ќе се случува на местото наречено Пертон, каде што има двоустен кладенец, па римската крв ќе се измеша со измаилитевата. Потоа, кога ќе дојде месецот август, ќе завладее Михаил со царството, и ќе влезе во Солун од запад и ќе владее со царството со целата сила. По него ќе владее друг владетел, а во неговото владеење ќе се појават дваесет цареви во царството. Земјата ќе се тресе од нивниот изглед, а луѓето ќе бидат исплашени и ќе бегаат во планините и пештерите. Многумина ќе загинат и ќе нема кој да ги погребе нивните тела. Од планините ќе излезат нечисти странци, кои ќе ги јадат човечките тела и ќе ја пијат нивната крв. Земјата ќе се опогани од нив, и никој нема да може да им се спротивстави… Се разбира и во ова подраголево видение за последните времи- ња се употребени библиски парафрази кои ја докажуваат релацијата на авторот на тек-стот и неговото познавање на Библијата.
Доближување на ова апокрифно видение со Библијата има со Книгата на про-рокот Данил, но пророчките виденија во Попдраголевиот запис на Данил му ги соопштува архангелот Гаврил, а во соодвет-ната старозаветна книга, пророкот Данил ги гледа во сон. Мошне интересно е што тајниот запис за ‘последните времиња’ изобилува со топоними кои не соодветствуваат со топонимите од Библијата. Такви, на пример, се Аркадун, Вардија, Главнина, Краниево, Кродун, Мариани, Пертон, Струмица и други. Топонимот Струмица, на пример, укажува на македонскиот регион, кој очигледно му бил добро познат на пишувачот на тајниот ракопис – вели д-р Мартиновска.
РЕКАТА ТАЕН РАЈ ВО ОВЧЕ ПОЛЕ?!
Видението на Исаија, соопштува за послед-ните времиња, и за тоа што ќе се случува со човечкиот род во последното поколение. Пророкот Исаија е избран од Бога меѓу про-роците а потоа од ангел е однесен на набесниот свод. Таму тој гледа неред, но и ангел кој седи и пее. По долгите прошетки низ сите ангелски неба, Исаија признава дека му било убаво меѓу ангелите, но, сепак, сака да се врати назад од каде што дошол. За жал, заедно со исполнетата желба да се врати на земјата, морал да го донесе и пророштвото за судбината на последниот род на земјата.
А пророштвото требало да се исполни, притоа лавот да пасе со јагнето, мечката да живее заедно со волот, а евангелието да се проповеда меѓу човекојадци и крвопијци. Ова треба да го знаат царевите за да можат да му се спротивстават навреме на бесрамниот змеј. Змејот ќе ги фати сите велможи на дрвен сплав на реката наречена Таен рај. Таа река тече низ земјата што се нарекува Мезина земја(?). Ете така отприлика Исаија ја соопштува вистината за тоа што ќе се случува во последните времиња. Интересно е тоа што кога змејот ќе се симне од дрвениот сплав, ќе се сместел во местото наречено Овче Поле, а потоа ќе ги победи сите народи околу себе со големи битки во кои меѓусебе ќе загинат многумина. Кладенците ќе бидат полни со нивна крв. Кога ќе започне крајот на царството во Мезината земја, ќе се јават два кнеза, едниот од исток, а другиот од запад. Западниот кнез ќе владее со жестокост, а источниот кнез со мир. Во тоа време кнезовите ќе живеат живот без тага се’ до определеното време. Тогаш ќе тргне змејот од Овче Поле на сите страни за да го заврши последното време. Тајното пророштво на Исаија е многу интересен текст, и него досега го разгледувале повеќемина истражувачи, меѓу кои И. Порфирев, П. А. Лавров, П. С. Сречковиќ, Н. С. Тихонравов, М. Кајмакова, А. Џ. Косова и други. Првиот дел соопштува за повеќе владетели кои ќе владеат пред ‘последните времиња’, но и за доаѓањето на антихристот. Вториот дел ја содржи византиската легенда за царот Михаил и за второто пришествие.
Во Видението се употребени библиски цитати од Новиот завет, поточно од Евангелието според Матеј, што докажува дека пишувачот на текстот солидно ја познавал Библијата, но истовремено употребил топоними кои ги нема во таканаречениот канонски текст, како што се Гигово Поле, Мезина, Овче Поле, Романија и Таен рај, а топонимот Овче Поле, каде што доаѓа змејот што ќе ги уништи сите владетели до последното време, укажува на тоа дека авторот на текстот добро го знаел овој дел на Македонија. Значајно е да се каже дека во ова, би се рекло македонско пророштво за последните денови, преплетени се легендарно-историски моменти, библиската и усната традиција, како и учењата за смртта, бесмртната душа, страшниот суд, крајот на светот, вечното блаженство и пеколот. Тајните ракописи во Тиквешкиот и Попдраголевиот зборник ги отсликуваат тогашните апокалиптични, библиски пораки со креативно-емотивни дополнувања од страна на авторите
ma-ke-donija.blogspot.com