20-годишната скопјанка Ема Ананиевска е лице со оштетен вид. Таа го изгубила видот уште како бебе во инкубатор и нејзиниот пат до тоа што е денес не бил лесен. Ема е студент во втора година на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Таа вели дека кога била дете им завидувала на останатите врсници кои користат компјутери и мислела дека таа никогаш нема да може да ја користи оваа технологија се додека здружението „Отворете ги прозорците“ не и го овозможило тоа кога таа била средношколка, ја пренесува нејзината сторија радио МОФ.
Ема била редовен ученик во основното и средното училиште, а денес е посветен студент. Сепак, вели дека иако никогаш немала проблем во вклопувањето во класот, образовниот процес секогаш и претставувал проблем.
„Имам тешкотии со учењето бидејќи немам услови. Нема посебна литература и аудио книги. Морам да се снаоѓам со копирање белешки од другарите, па да ми чита мајка ми на диктафон за на крај да ги учам“, раскажува Ема.
Во образованието на Ема најмногу ѝ помогнала асистивната технологија. Откако почнала да го користи компјутерот со посебната говорна програма за лица со оштетен вид, таа имала пристап до многу информации кои и служеле за учење, правење проекти и комуницирање на социјалните мрежи со пријателите. Оваа пијанистка вели дека повеќе не се чувствува стигматизирано како претходно. Таа се гледа себеси како пијанист и композитор на филмска музика и, уште поважно, еднаква на нејзините пријатели.
Целата сторија на – radiomof.mk