Општина Гази Баба распиша повик за доделување договор за воспоставување на јавно – приватно партнерство за изградба на нов фудбалски тренинг – центар во скопската населба Хиподром, на локација непосредно до спортско – рекреативниот центар „Хиподром“.
Идниот концесионер во проектот ќе треба да инвестира 161.567.796 денари, односно над 2,6 милиони евра без вклучен ДДВ. За возврат на вложениот капитал, ќе може да управува со спортскиот објект најмногу 35 години. Фудбалскиот тренинг – центар ќе се протега на површина од околу 32.000 метри квадратни, во чиј состав е предвидено да има две игралишта и мултифункционален објект со разни содржини.
Економски најповолната понуда е главен критериум за доделување на договорот за јавно – приватно партнерство. Со 80 бодови ќе се вреднува вредноста на инвестицијата во доставените понуди, додека на инвеститорите ќе им се доделат 20 бодови за планираната бруто изградена површина на идниот комплекс. Понудите од приватните компании треба да се достават најдоцна 18 јуни, за кога е најавено и нивното јавно отворање.
Build.mk