Руската анексија на Крим и војната на истокот на Украина се јасен знак за балтичките држави дека треба да се подготвени на најлошо можно сценарио – инвазија од истокот. Естонија, Летонија и Литванија, три мали и релативно географски изолирани држави од остатокот на Европската Унија веќе година дена интензивно водат воени вежби на своите граници.
Луѓето се подготвени на се – од саботажа на електрични инсталации, сајбер напади, па дури и искреирано сценарио за тоа што би правеле доколку пограничните села каде мнозинство од населението е руско би прогласиле независност.
-Русите може да ги прегазат сите балтички земји за само 48 часа. Европа и САД се целосно неподготвени за агресијата на Путин, предупреди истакнат НАТО генерал Питр Павел, чии зборови дополнително ја разгорија паниката на Балтикот.
Можеби неговите зборови допреле до “главите на шефовите” со оглед на фактот дека изминативе денови на територијата на Литванија, Летонија и Естонија, но и Полска се извеле најголемите вежби на НАТО во изминативе десет години. Во вежбите учествувале повеќе од 6000 војници од 13 земји.
-Тактиката на Путин? Матната кампања на инфилтрација, пропаганда, посебните оддели на сајбер напади е сценарио како во фазите на конфликтот во Украина – сето ова може да ги запали етничките тензии во Естонија, Литванија и Летонија, предупреди британскиот министер за одбрана, Мајкл Фелон.
Балтичките земји се членки на НАТО но се чини дека тие не се 100 проценти уверени во постулатот на НАТО “нападот врз една членка е чин на агресија кон сите членки”. Па така Литванија пред неполн месец на границата со руската енклава изведе симулација на напад на сепаратистите на нивната територија.
Вежбата е по моделот на минатогодишните случувања во Крим кога Москва упорно тврдеше дека нема никаква поврзаност со војниците без обележје, а само неколку недели подоцна се случи анексијата.
-Едноставно мораме да бидеме подготвени на се. Крим мора да биде лекција за нас. Секоја провокација, па дури и најмал напад мора да биде сфатен најсериозно, предупреди претседателот на Литванија.
Стравот од руската окупација длабоко е вкоренет во балтичките земји уште од советската анексија во 1939 година.
-Балтик има многу причини да стравува од Путин. Овде има многу луѓе кои лично сведочат за акции слични како оние во Украина, изјавил професор по политикологија од Естонија.
Во Летонија и Естонија ситуацијата е потешка отколку во Украина бидејќи таму живее огромна заедница на Руси кои немаат ништо против спојувањето со “Мајка Русија”. Вистинската паника завладеа кога летонската тајна служба објави дека Русите во некои села преку Фејсбук интезивно шират сепаратистичка пропаганда.
Најголемиот проблем во цела оваа ситуација е фактот дека границата помеѓу Естонија и Русија се уште не е јасна. Минатата година, Естонците ги обвинија Русите дека стојат зад киднапирањето на еден од естонските разузнавачи. Ситуацијата беше како од филм – Русите ја прекинаа комуникацијата и бегаа со човекот фрлајќи зад себе димни бомби. Талин дивееше, но одговорот од Москва беше ладнокрвен.
-Ја помина границата и дојде да шпионира во нашата земја, беше одговорот од Русија.
Сепак, има и такви кои сметаат дека балтичките држави претеруваат кога ќе се спомне руската инвазија.
-Тие имаат трауми од минатото и мислам дека нивниот страв е прегласен. НАТО им го чува грбот и уверен сум дека Путин нема толкава храброст да ја тестира Алијансата, изјавил Нил Мелвин, шведски воен експерт.