Дежурните полицајци во Ниш, кои до скоро носеле пиштоли во футролите, сега носат автоматски пушки АК-47. Тоа збунило дел од граѓаните, а од полицијата објасниле дека во цела Србија се засилени мерките за безбедност „поради случувањата во Куманово“ и дека нема причини за страв.
„На повеќе места во градот гледам полицајци со пушки на грбот. Што друго да помислам освен дека сме загрозени како граѓани па затоа се вооружиле со долги цевки?! Не е пријатно да се гледаат толку пушки на улиците, како да е вонредна состојба“, изјавил еден вознемирен граѓанин на Ниш.
Началникот на полицијата во Ниш, Срџан Грекуловиќ, тврди дека нема причина за загриженост. Според него, мерките за безбедност се кренати на повисоко ниво „поради случувањата во Куманово и евентуалните терористички закани“, но дека нема конкретна опасност.
„Тоа се засилени мерки на ниво на Србија кои и ние ги почитуваме. Од неодамна полицијата, покрај краткото, носи и долго оружје, но тоа наскоро ќе го укинеме. Во секој случај, нема конкретни закани и причини за загриженост на граѓаните“, кажал Грекуловиќ.
Саша Џорџевиќ од белградскиот центар за безбедносна политика за Блиц потврдил дека униформираните полицајци можат да носат долги цевки само кога постои ризик за нив или граѓаните, односно кога безбедноста на некој начин е загрозена.