Педесет и осумгодишна работничка во турската фирма „Јаја Мезлер“ во Штип вчера починала на своето работно место, пренесува МИА.
Според лекарите, смртта на жената не е поврзана со топлото време, туку поради проблеми со срцето што таа ги имала подолго време. Техничкиот директор во „Јаја Мезлер“, Перо Димитров изјави дека раководството и работниците се потресени од несреќниот случај во нивната фабрика. Работничката починала околу 9 часот, кога заедно со две нејзини колешки се подготвувала за појадок.
– Седнале на масата да го земат оброкот и при разделувањето на оброкот, пред да почнат,и се слошило на работничката. Колешките ја придржале и веднаш ги повикале останатите работници и Брзата помош, која веднаш пристигна, рече Димитров.
Тој додаде дека поради срцевите проблеми раководството и овозможило да работи само прва смена, а во халите каде што се одвива процесот на ткаење на платното ги има сите услови за заштита на работниците.
– Ние имаме технолошка клима согласно технолошкиот процес за ткаење, таму температурата е измеѓу 20 и 23 степени и релативната влажност на воздухот е некаде околу 78 до 80 отсто. Значи, ова се идеални и благопријатни услови за работа, рече Димитров.
Штипската фабрика „Јаја Мезлер“ денеска веднаш по несреќниот случај го стопираше процесот на производство, а работниците и утре нема да работат.
Во Штип ова е прв случај текстилна работничка да почине на своето работно место.